СОВЕТ НА ЕВРОПА И ЕВРОПСКАТА УНИЈА- ЗАЕМНИТЕ ОДНОСИ И СОРАБОТКА

  • Петар Поп- Арсов

Abstract

Овој труд го анализира односот меѓу Советот на
Европа и Европската Унија, со намера да се разјасни дилемата за тоа
дали членството во Советот на Европа претставува подготвителна фаза
за полноправно членство во ЕУ, за оние земји кои што имаат такви
аспирации.
Советот на Европа е најстарата и најголемата европска организација.
Честопати во пошироката јавност доаѓа до забуна и мешање, од една
страна на Советот на Европа како меѓународна организација, со
Европскиот Совет како институција на Европската Унија. Има случаи на
поистоветување на Парламентарното Собрание на Советот на Европа со
Европскиот Парламент, како и ставање на знак на еднаквост меѓу други
сегменти и институции на овие две посебни организациони форми на
држави членки. Слична е состојбата и со Европскиот суд за човекови права
во Стразбур, кој што претставува институција на Советот на Европа, а
кој што има далеку поголема визибилност и препознатливост во споредба
со организацијата на којашто припаѓа. Ниското ниво на визибилност на
Советот на Европа не претставува само случај присутен во Република
Македонија, туку тоа е генерален проблем на организацијата.
Европската Унија претставува стратешка цел на Република
Македонија. Тоа е унија на земји кон која Република Македонија се стреми
уште од почетоците на својата независност. Медиумската покриеност на
процесот на македонското пристапување кон ЕУ е на многу високо ниво,
пред сѐ поттикнато од високите очекувања на македонските граѓани од
полноправното членство, но и поради постојаните блокади со кои се
соочува Република Македонија, а кои произлегуваат од наметнатиот
спор во однос на исклучително важното прашање за името на Република
Македонија. За разлика од ЕУ, медиумската покриеност на Советот на
Европа е на значително пониско ниво, кое што директно придонесува за
недостаток на дистинкција меѓу овие две организациони форми.
Исто така, покрај посебноста на овие две меѓународни
организациони форми, овој труд го потенцира фактот дека постои многу
блиска соработка, компатибилност и комплементарност меѓу Советот
на Европа и Европската Унија. Постојат многу примери на заедничка
соработка и реализација на заеднички проекти кои имаат за цел да ја
одржуваат во постојано добра кондиција реализацијата на основната
идеја на основачите на овие организации, идејата за обединета Европа во
која ќе бидат зачувани мирот, стабилноста, демократијата, владеењето
на правото и заштитата на човековите права.
Имајќи ги предвид овие елементи, целта на трудот е да презентира
појасна и попрецизна слика за меѓусебниот однос, разликите и
поврзаноста меѓу Советот на Европа и Европската Унија.
Клучни зборови: Совет на Европа, Европска Унија, демократија,
владеење на правото, човекови права

Published
2019-04-27