ФРАЗЕОЛОГИЗМИ СО БРОЕВИ ВО АНГЛИСКИОТ И ГЕРМАНСКИОТ ЈАЗИК

  • Снежана Кирова
  • Драгана Кузмановска
  • Биљана Иванова

Abstract

Идиомите и фразеологизмите се составен дел на еден јазик, што е од голема важност бидејќи го збогатуваат неговиот фонд на зборови. Тоа се зборовни групи кои еволуирале во неделиви зборовни целини и зазеле посебен дел во јазичниот фонд. Нив ги проучува посебна лингвистичка дисциплина наречена фразеологија (грч. phrasis – израз и logos – учење). Освен фразеологизам, исто така се користи и терминот идиом и идиоматски израз (грч. Idios – својствен, карактеристичен, посебен).

Фразеологизмите се многу интересни за проучување и толкување бидејќи станува збор за зборови кои во фразеологизмите сосема го изгубиле своето основно значење.  Идиоматското значење на изразите не можеме да го изведеме од значењето на составните зборови, односно тие го губат првобитното и добиваат ново, фигуративно значење. Тие се неслободните фразеологизми, додека има и такви изрази каде што зборовите можеме да гиразделиме без промена на значењето. Тоа се слободните фразеологизми. Голем предизвик за еден лингвист е да го пренесе ваквиот неслободен зборовен состав од еден јазик во друг, без да бидат буквално преведени (збор за збор), односно да биде запазена природата на јазикот во кој што се преведува и да се одбере адекватен фразеологизам што се сретнува во секојдневниот говор на тој јазик. 

Целта на овој труд всушност претставува тоа - обид за преведување на идиомите и фразеологизмите поврзани со броеви од англиски и германски на македонски јазик, се разбира, со појаснување и со наведување на потеклото.

Published
2019-01-29