About the Journal
Во овој Зборник се поместени рефератите прочитани на Меѓународната научна конференција „Сто години од раѓањето на Ацо Шопов“ која се одржа на 25 и 26 мај 2023 година, на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Целта на настанот беше, на стогодишнината од неговото раѓање, да му се оддаде почит на овој наш голем поет токму во неговиот роден град, но и повторно да се нурнеме во океанот на неговото извонредно творештво.
Творештвото на Ацо Шопов лебди неуништливо низ ткивото на времето, а неговата поезија и денес е предизвик за анализа и на лингвистите и на теоретичарите на литературата, но и на традуктолозите и на методичарите на настава. Ова го потврдуваат и бројните трудови (вкупно 43) објавени во Зборникот, поделени во 5 теми: лингвистика, книжевност, традуктологија, Шопов за светот/светот за Шопов и Шопов во наставата по македонски јазик.
Во поглавјето посветено на лингвистиката, трудовите истражуваат различни аспекти на Шоповата поезија, поаѓајќи од јазични иновации и семантичко-етимолошки анализи до анализи на колороними, на фигуративниот интензитет и на јазичните отстапки во неговата поезија. Во ова поглавје објавени се трудовите на: Јачева-Улчар, „Јазичните иновации и изрази во функција на стихот“; Цветановски, „Небиднината како мотив за семантичко-етимолошка анализа на поетскиот јазик на Ацо Шопов“; Чиварзина, „Анализа на колороними во поезијата на Ацо Шопов“; Цветаноска, „Интерпретација на фигуративниот интензитет на ниво на содржината во поезијата на Ацо Шопов“ и Олумчева, „Јазичните отстапки во поезијата на Ацо Шопов“.
Трудовите од поглавјето посветено на книжевноста проучуваат различни аспекти на Шоповото наследство. Метапоетскиот карактер на неговите стихови, местоположбата на Македонија во поезијата, интимната лирика и поетската онтологија се само дел од темите што се разгледуваат. Трудовите исто така се осврнуваат и на историскиот контекст и на македонската култура во стиховите на Шопов, заокружувајќи ја сликата за неговото значење во македонската книжевност.
Во ова поглавје Младеноски се осврнува на „Метапоетските стихова на Ацо Шопов“, додека Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски се прашуваат „Каде е Македонија во поезијата на Ацо Шопов?“, Капушевска-Дракулевска се прашува „Како се моли со тело?“ додека Караниколова-Чочоровска ја ослушнува „Морфологијата на тишината“. Ѓорѓиевска ја проучува „Поетската онтологија на Ацо Шопов“ додека Стојановски размислува за „Ацо Шопов и црното сонце“. Трудот на Ристова-Михајловска е насловен „Поезијата на Ацо Шопов низ библиографските единици на одредени европски електронски бази, Шопов и Штип – нераскинлива нитка“ додека Костадиновиќ ги проучува „Компаративните пристапи кон поезијата на Ацо Шопов и Бранко Миљкович во српската книжевна критика“. Ковилоски го проучува „Ацо Шопов на страниците на списанието „Нов ден“ додека Витанова-Рингачева се интересира за „Човекот како метафора во поезијата на Ацо Шопов“. Николовска се осврнува на „Минијатурите на Ацо Шопов“, а, пак, Игнатовска-Димитрова на „Вонвременската димензија на поетската реч на Ацо Шопов“. Предмет на интерес на Иванова се „Метафората и метонимијата во поезијата на Ацо Шопов“, а на Јовановска „Интимната лирика на Ацо Шопов“. Витанова-Рингачева и Мицева ги анализираат „Литературните гледишта на Ацо Шопов“, а Китанов „Првите творби на ученикот Ацо Шопов“.
Во делот посветен на традуктологијата се разгледува прелевањето на Шоповата поезија на различни светски јазици и тоа англиски, француски, италијански, турски и руски јазик. Во ова поглавје Форестер зборува за „Патеки кон светот: „Раѓање на зборот“ од Ацо Шопов во различни преводи“, а Леонтиќ се осврнува на „Препевите на поезијата на Ацо Шопов на турски јазик“. Јакимовска го опипува „Пулсот на Озирис во препевот на песната „Грозомор“ од Ацо Шопов на француски и на англиски јазик“, додека Караникиќ-Јосимовска и Ѓурчинова ја проучуваат „Постапката „очудување“ во препејувањето на Ацо Шопов на италијански јазик“. Бабамова ги проучува „Елементите на егзотизам во некои препеви на Ацо Шопов од француски на македонски јазик – осврт кон препеви на поезијата на Леополд Седар Сенгор“, а Маролова и Кузмановска „Застапеноста на суфиксните деривати во поезијата на Ацо Шопов и нивни преводни еквиваленти во германскиот јазик“. Конечно, Ниами се осврнува на „Препевите на поезијата на Ацо Шопов на руски јазик“.
Проучувањето на препевите на поезијата на овој наш поет означува и вовед во анализата на неговото влијание во пошироки светски рамки и анализа на Шопов како поет на човекот, на светот. Затоа следното поглавје е насловено „Шопов за светот – светот за Шопов“ и во него Дараданова се осврнува на „Рецепцијата на Ацо Шопов во Бугарија (во контекст на рецепцијата на македонската литература по 1990 година)“. Кожинкова говори за „Хетеролошките аспекти во поезијата на Ацо Шопов“, Шутаров за „Културната дипломатија и Ацо Шопов“, а Челик, Котева и Шаини за „Претставувањето на уметноста на Ацо Шопов на турските читатели“. Влијанието на Шопов во Словачка и во Словенија се разгледува во трудовите на Танески „Ацо Шопов во словачкиот книжевен и културен ареал“ и на Субиото „Ацо Шопов во словенечката културна срединa“. Стојановска зборува за „Песна на црната жена од Ацо Шопов во контекст на деколонијализмот и постколонијализмот“, а трудот на Кукубајска е насловен „Локален активизам, универзални идеи“. Тричковска и Буљановиќ-Cимоновиќ говорат за „Ацо Шопов во унгарската и српска книжевност“, Стојменска-Елзесер за „Космополитската поетска визија на Ацо Шопов“, а Георгиевска ги анализира „Африканските мотиви во поезијата на Ацо Шопов“.
Делото на Шопов поради својата вонвременска убавина останува да биде ѕвезда-водилка на македонската младина и затоа тоа и денес е дел од македонскиот образовен систем. Во таа смисла, последното поглавје во Зборникот е посветено на „Ацо Шопов во наставата по македонски јазик“. Во него Димитриева-Ѓорѓиевска се осврнува на „Ацо Шопов во наставата по македонски јазик и литература во средното образование“, а Камчева – Панова на „Хуманизација на личноста на ученикот преку поезијата на Ацо Шопов“. Гркова-Беадер зборува за „Животот и творештвото на Ацо Шопов во наставата по македонски јазик“, а Даниловска и Спасовска за „Поетскиот опус на Ацо Шопов во учебниците по македонски јазик и литература“.
Вака изгледа ова патување низ космосот на Шоповата мисла, овој заеднички обид да се осознаат различните аспекти на неговата поезија, неговата јазична иновативност, литературна длабочина и културна и образовна релевантност. Се надеваме дека со овој Зборник на трудови ќе придонесеме во разбирањето на неговото богато наследство, но и и ќе поттикнеме нови истражувачи да ги следат овие патеки кон непресушниот извор на неговиот поетски гениј.
На крај, должни сме да ја искажеме нашата благодарност на сите автори кои со својот труд дадоа придонес во создавањето на Зборникот, на членовите на Организацискиот одбор на конференцијата и на Уредувачкиот одбор на Зборникот. Благодарност и до учесниците на пленарната сесија, од кои дел се вклучија и од странство, како и до членовите на семејството на Шопов, кои со своите излагања ни го доближија не само поетот, туку и човекот Шопов. Се надеваме дека на овој начин, поетските дела на Шопов и понатаму ќе го осветлуваат литературниот и културен пејзаж на Македонија.