ЦРКОВНОСЛОВЕНСКИТЕ ЛЕКСИЧКИ ЕЛЕМЕНТИ ВО ПОЕЗИЈАТА НА МИХАИЛ РЕНЏОВ
Abstract
Црковнословенскиот јазик е јазик употребуван во средновековието, па сè до појавата на народниот јазик во почетокот на XIX век и претставува богат извор на лексика на која се навраќаат и современите литературни дејци. Од современ аспект црковнословенизмите се дел од архаичната лексика, a мал дел од нив се застапени во Толковниот речник на македонскиот јазик. Несомнено, нивната употреба не се сведува само на црковно-религискиот стил и впечатлива е застапеноста на црковнословенските лексички елементи во творештвото на Славко Јаневски, Анте Поповски, Михаил Ренџов, Паскал Гилевски, Венко Андоновски, Драги Михајловски, Благоја Ристески и др. Најчесто црковнословенизмите (на пр.: глаголи, аште, велми, двер, отроче, плот, прелест, твар и др.) се употребуваат во согласност со нивните значења во црковнословенскиот
јазик. Предмет на нашиот интерес се црковнословенизмите во поетскиот опус на Михаил Ренџов, кои придонесуваат за поголема експресивност и оригиналност на неговиот
јазичен израз. Се изделуваат црковнословенските лексеми: двер, погубел, плот, прелест, промолви, скрб(и), слово, соблазна, твар, употребени без особено отстапување од значењата што ги имале во црковнословенската писменост, а од зборообразувачки аспект особено се впечатливи бессуфиксните образувања: покора, покаја, утеха, вик, гнас, од, плач, страд, урек, изгон, издах, невид, насет, раскап, окај, покај, повеј, опстој, како и сложенките: ангелогласен, благогласен, богоразумен, духоплоден, духоугоден, медоточен, светлозрачен, изразите со библиско потекло итн.