МОРФОСИНТАКСАТА И МЕСТОПОЛОЖБАТА НА ПРИЛОШКИТЕ ОПРЕДЕЛБИ ЗА НАЧИН ВО АНГЛИСКИОТ И ВО МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК
Abstract
Англискиот и македонскиот јазик потекнуваат од различни групи јазици што е причина за големите разлики помеѓу обата, но и интересот за ова истражување. Целта на ова истражување е да се најдат и да се дефинираат сличностите и разликите во поглед прилошките определби за начин во обата јазика и, секако, да се дојде до одредени заклучоци кои ќе имаат своја примена при преведувањето и при наставата. Со цел да дојдеме до заклучоци од кои, потоа, ќе можеме да стигнеме и до одредени согледувања за понатамошните преводи и преведувачи, како и до одредени педагошки импликации, вршиме споредба на преводни еквиваленти на прилошки определби за начин оригинално употребени на македонски јазик, а потоа преведени на англиски јазик најчесто од родени говорители на англискиот јазик. Причината за ваквиот избор на корпусот е фактот што во овие случаи преводот ќе биде „непристрасен“ или „природен“ бидејќи англискиот јазик е мајчиниот јазик на преведувачите. Од корпусот примери беа одбрани вкупно 16 реченици и дел-реченици кои им беа дадени за превод на група од околу 60 студенти. Речениците беа одбрани со цел доследно да ги опфатат сите морфосинтаксички форми кои можат да се користат за изразување на прилошки определби за начин во македонскиот јазик, како и можните позиции во речениците кои истите можат да ги имаат. По анализата на резултатите и по обработката на преводите добиени од студентите, дојдовме до одредени заклучоци кои би требало да дадат свој придонес при изучувањето на англискиот како странски јазик, но и при наставата на македонскиот јазик.