ПРАГМАТИКА НАСПРОТИ ГРАМАТИКА НАСПРОТИ СЕМАНТИКА

  • Билјана Ивановска
  • Марија Кусевска

Abstract

Граматиките на одредени јазици се занимаваат, пред сè, со изучување на формите на јазичните единици. Нивна задача е точно да ги опишат фонолошките, морфолошките, синтаксичките и семантичките форми на јазичните единици на еден јазик. Функционалните аспекти сепредадени во многу граматики (на пример Дуден–овата граматика на
германскиот јазик, 1995), каде нема ниту едно поглавје за прагматиката, во кое систематски би се опишале и анализирале основите на прагматиката на еден јазик. Во многу поглавја и теоретски прикажувања се додадени прагматичките феномени, како на пример, анализа на говорните чинови во рамките на семантиката (на пример Лајонс/Lyons 1995). Причината за тоа е еден општ значенски поим, кој не го опфаќа само значењето на зборовите и речениците во еден јазик, туку и значењето на изразот, разбрано како
наменето/целно значење од страна на говорителот. Генерално, сепак, станува збор за тоа, дека буквалното (структурно идентично) значење на една искажана реченица ќе се истражува во семантиката, додека значенските аспекти, кои постојат условени од контекстот и јазичните опкружувања, се предмет на истражување на прагматиката. Под граматика, притоа, се подразбира системот на фонолошки, морфолошки, синтаксички и семантички правила. Со ова се поставува прашањето дали прагматиката има значење само за решавање на граматичките проблеми или многу пошироко и сеопфатно значење.
Контрадикцијата помеѓу лингвистите, кои се ориентираат кон анализа на формата и оние кои се ориентираат кон функцијата, игра голема улога при различните обиди да се дефинира прагматиката. Го објаснуваме гледиштето на Лич (Leech, 1983: 46) каде се прикажува прегледот на типичните формалистички и функционалистички позиции на јазичните единици. Автономијата на еден систем треба притоа да значи, дека секој систем содржи свои сопствени опишувања и правила. Овој труд дава теоретска претстава за местото и функцијата на граматиката и на прагматика во јазичниот систем, воопшто.

Published
2018-01-30