ЛЕКСИЧКИОТ ПОДБОР ВО ПРОЗАТА НА ВЛАДО МАЛЕСКИ

  • Лилјана Макаријоска

Abstract

Прозното творештво на Владо Малески се одликува со народниот, реалистички карактер на јазикот во кој доаѓа до израз стилското раслојување на богатата македонска лексика, со многу архаични и народни зборови и изрази обоени во духот на народното творештво. Предмет на нашиот интерес е изборот на лексиката во прозата на Малески, со акцент на архаичната лексика, односно на турските и црковнословенските лексички елементи. Употребата на турцизмите во литературата се поврзува со специфичноста на содржината, а со оглед на нивната застапеност и во народниот јазик на своевиден начин го збогатуваат јазичниот израз. Малески употребува архаизми, голем број турцизми: анџар, ќерал, чибук, аир, аферим, дерман, шубе, за пореално опишување на настаните. Со актуелизацијата на постојните зборообразувачки модели и новообразувањата неговиот јазичен израз станува специфичен и препознатлив. Ги бележиме турските суфикси -џија: бурекџија, самарџија, фурнаџија, шеќерџија, -лак: будалштилак, срамотилак, умштилак, -лија: гугушлија, зборлија, ѕвездаллија, мустaќлија, шеќерлија. Јазикот на Малески се карактеризира со ретки архаизми, црковнословенизми: бојазливо, всегда,
девствен, патешествие, уха, образувања со продуктивните црковнословенски суфикси -ние: казание, наказание, непогодение, претсказание, -ие: претсмртие и др., а со голема умешност се употребуваат и сложенките: богољубец, богоносница, богохуление, брадоносец, великодушно, првосвештеница. Бессуфиксните именки се мошне продуктивен тип во индивидуално-авторскиот јазик, што зборува за нивната експресивност: втрес, навест, подвиж, напин, неглед, бессопир, нагаз, целив. Малески употребува зборови со поретка употреба и дијалектизми: босица, виѓе, гуна, дума, зарошка, рутиште, сведен, стинее, а и експресивна лексика за реализирање на различни стилистичко-идејни
цели, на пр.: за индивидуализација на ликовите, за изразување на нивниот субјективен став кон нештата или за ставот на авторот.

Published
2018-01-31