АНТРОПОЛОШКАТА ЛИНГВИСТИКА ВО МАКЕДОНИЈА И НЕЈЗИНИОТ ПОГЛЕД НА ГАНЕ ТОДОРОВСКИ И ПЕТРЕ М. АНДРЕЕВСКИ

  • Свето Тоевски

Abstract

Во овој труд ги разграничуваме антрополошката лингвистика и лингвистичката антропологија како засебни јазични дисциплини. Се приклонуваме кон најзастапената дефиниција на Вилијам Фолеј дека „антрополошката лингвистика е поодделна дисциплина во лингвистиката, која се занимава со улогата на јазикот во неговиот поширок општествен и културален контекст, со улогата на јазикот во создавањето и одржувањето на културалните практики и општествените структури.“ Во трудот се анализира маргиналниот статус на антрополошката лингвистика во високообразовните и научно–истражувачките институции во Македонија наспрема растечката афирмираност на оваа
интердисциплинарна лингвистичка поддисциплина во светот. Во Македонија антрополошката лингвистика не постои како предмет во наставните програми на кој било јазичен факултет почнувајќи од првиот до третиот, докторски циклус на студии. Единствено во Студиската програма за македонски јазик и книжевност на државниот  Филолошки факултет во Тетово во три академски години – од 2012 до 2015 година – студентите од првиот циклус ја изучуваа антрополошката лингвистика како издвоена наука со поголем број теми како наставни единици. Покренуваме иницијатива да се воведат интердисциплинарни студии во прв циклус, но и постдипломски и докторски студии по антрополошка лингвистика во Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, или и во Институтот за македонски јазик во Скопје. Атрополошката лингвистика со дијахрониски и синхрониски синтетизирани теоретски и теренски истражувања е потребна и заради нов, холистички пристап кон испреплетеноста на македонскиот јазик и култура, со фокус на колективната лингвакултура на македонскиот народ и на индивидуалните лингвакултури на сите негови видни јазично-книжевни и културни дејци. Во трудот само  иницијално се осврнуваме на пребогатите индивидуални лингвакултури на Гане Тодоровски и Петре М.Андрееевски, како дел од најважните столбови на македонската
национална лингвакултура и во 21 век.

Published
2018-02-01