СТРАТЕГИИ ЗА УЧЕЊЕ СПОРЕД ОКСФОРД
Abstract
Стратегиите за читање се многу важен дел од наставата. Тие се свесни активности што учениците ги преземаат и што им го олеснуваат изучувањето на јазикот. Па токму затоа, во наставата може да се влијае за учениците подобро да се запознаат со тие стратегии, кои не функционираат изолирано една од друга, но како целина влијаат во генералното разбирање на текстот и неговата суштина. Постојат разновидни класификации на стратегиите за читање. Во овој труд ќе ја разгледаме класификацијата на Оксфорд, која се однесува на стратегиите за учење како целина, односно за сите четири јазични вештини според Европската референтна рамка на јазици, а ние ставаме акцент на оние што се поврзани со читањето. Главната поделба на стратегиите според оваа класификација е на директни и индиректни стратегии за учење. Директните стратегии директно влијаат врз дадената задача, односно ученикот учи со нивна директна примена врз јазикот. Директните стратегии ги опфаќаат мемориските, когнитивните и компензациските стратегии. Од друга страна, со индиректните стратегии ученикот учи странски јазик без директно да го вклучи јазикот, односно на индиректен начин влијаат врз конкретната
задача. Тука спаѓаат метакогнитивните, афективните и социјалните стратегии. Сите групи на стратегии се делат понатаму на неколку подгрупи. И бидејќи примената на стратегиите може свесно да се испланира, сметаме дека треба да се влијае врз наставниците во планирањето на наставната дејност, што понатаму ќе креира успешни и спремни ученици.