ПРАВДАТА И НЕПРАВДАТА ВО ФОЛКЛОРОТ (ВО МАКЕДОНСКИТЕ НАРОДНИ ПЕСНИ, ПРИКАЗНИ И КРАТКИТЕ ЖАНРИ)
Abstract
Правдата, како принцип според кој луѓето го добиваат она, што го заслужуваат, во голема мера е застапен во македонскиот фолклор. Тоа е сосема нормално, затоа што во секојдневните односи меѓу луѓето, меѓу поединците и институциите на сите нивоа, основна претпоставка е правдата. Врз овие односи влијаат бројни чинители со многу различни гледишта, вклучително и концептите на морална исправност заснована врз етика, рационалност, закон, религија, еднаквост и правичност. Вистинската правда, правдата која ги прави нештата подобри, никогаш не се задоволува само со следење правила, вклуќувајќи ги и правните норми.Таа се задоволува само доколку е поразена разорната моќ на злото, коренот на неправдите. Од најстарите времиња луѓето се борат да се порази логиката – око за око, заб за заб. Правдата и неправдата одат една до друга, една покрај друга, се борат до премаленост – и, на крајот, победува правдата. Според народната логика Правдата се тенче, ама не се кине. Или: Правдината излегува на виделина.