Права на обвинетиот во кривичната постапка
Abstract
Правото на државата да казнува се ефектуира преку одлуката на државата да заштити определени добра применувајќи казни и други мерки спрема сторителите на инкриминираните дејствија. Казненото право во поширока смисла на зборот во себе опфаќа три елементи и тоа: казнено-материјално право, казнено-процесно право и право на извршување на санкциите што се применуваат спрема сторителите на кривичните дела. Казнено-процесното право како позитивна научна дисциплина има општ карактер и содржи апстрактни правни норми кои своја конкретизација наоѓаат при преземање конкретни процесни дејствија преземени во текот на кривичната постапка. Најголемата реформа на кривичното процесно законодавство е направена во 2010 година со донесувањето на новиот акузаторен Закон за кривична постапка. Во кривичната постапка начелата кои се применуваат и кои се однесуваат и на обвиниетиот се делат на неколку групи и тоа: основни начела (барање на вистината, правична постапка); начела кои се однесуваат на поведувањето на кривичната постапка (акузаторност, официјалност, легалитет); начела кои се однесуваат на водењето на кривичната постапка (контрадикторност, усност, непосредност, јавност); Од големо значење во кривичната постапка се и субјектите кои би ги дефинирале како лица и органите кои преземаат определени процесни дејствија според процесната положба што ја имаат согласно со одредбите на ЗКП и се јавуваат како носители на определени права и обврски во текот на постапката. Поаѓајќи од поделбата на процесните функции во мешовитата кривична постапка како главни процесни субјекти се јавуваат судот, овластениот тужител, обвинетиот и посебни истражни органи. Понатаму подетално ќе се задржиме на правата и положбата на обвинетиот во кривичната постапка, за кое се смета дека е лице против кое е насочено кривично гонење, лице против кое се води истрага или лице против кое се води обвинителен акт или обвинителен предлог. Правата на обвинетиот се определени во повеќе меѓународни инструменти меѓу кои Универзална декларација за човекови права, Европски конвенција за човекови права, Меѓународен пакт за граѓански и политички права. Според Кривичниот закон секое лице ќе се смета за невино сѐ додека не се докаже неговата вина со правосилна судска одлука и дека на виновникот треба да му се изрече санкција според условите предвидени во Кривичниот закон. Обвинетитот во кривичната постапка веднаш ќе биде известен дека има право да се брани со молчење, односно ќе му се соопшти зошто е обвинет и ќе се праша дали има нештов во врска со тоа да наведе во корист на негова одбрана, но исто така ќе биде поучен и дека не е должен да ја изнесе својата одбрана и дека има право да се брани со молчење, а тоа нема да му се земе како отежителна околност во текот на постапката.