ANNULMENT OF ARBITRATION DECISIONS BEFORE THE INTERNATIONAL CENTER FOR THE SETTLEMENT OF INVESTMENT DISPUTES IN WASHINGTON–(ICSID)
Abstract
Инвестициската арбитража, како една од видовите на арбитражи претставува постапка за решавање на спорови кои настануваат во врска со меѓународните инвестициони договори помеѓу странските инвеститори од една страна и државите домаќини од друга страна, од страна на независен и непристрасен арбитражен трибунал. Инвестициската арбитража има супранационален карактер и во неа се сублимирани елементи на јавно правна и приватно правна арбитража и поради тоа таа претставува единствен и уникатен начин на решавање на инвестициските спорови.
Во поглед на инвестициската арбитража и генерално подобрување на инвестициската клима, најзначајна улога има одиграно Конвенцијата за решавање на инвестициски спорови помеѓу држави и државјани на други држави, од Вашингтон, од 1965 - та година, во насока на тоа дека преку истата се обезбедува директен пристап на странскиот инвеститор пред меѓународна арбитража како рамноправна странка во спорот со државата – домаќин. Согласно, Конвенцијата за решавање на инвестициски спорови помеѓу држави и државјани на други држави, специјализираната институција пред која се решаваат споровите кои настануваат во врска со меѓународните инвестициони договори помеѓу странските инвеститори од една страна и државите домаќини од друга страна е Меѓународниот центар за решавање инвестициски спорови – (ICSID).
Конвенцијата за решавање на инвестициски спорови помеѓу држави и државјани на други држави, детално ги уредува сите значајни прашања во врска со организациската поставеност, начинот на функционирање и финансирање на Меѓународниот центар за решавање инвестициски спорови – (ICSID), поведувањето, конституирањето на арбитражниот трибунал, текот на постапката, замена и дисквалификација на арбитрите, како и самата арбитражна одлука, прашања за нејзино толкување, ревизија и поништување.
Од аспект на овој труд, значајно е прашањето за поништување на арбитражните одлуки донесени во инвестициска арбитража, од причина што постапката за поништување е значаен механизам за контрола на арбитражното судење. Арбитражната одлука може да се случи да има одредени недостатоци, кои можат да бидат основа за незадоволство на едната од странките која смета дека во арбитражната постапка не го остварила во потполност своето право на правна заштита. Со оглед на ваквата можност и покрај тоа што по правило и инвестициската арбитража е едностепена, а донесената одлука конечна, сепак постои можност за контрола на спроведеното арбитражно судење, преку постапката на поништување на арбитражните одлуки донесени во инвестициска арбитража, што во понатамошниот текст од овој труд ќе биде поткрепено и со анализирана релевантна практика од областа на поништувањето во инвестициска арбитража.
Појдовна хипотеза на истражувањето е: „Постоењето на постапката за поништување на арбитражни одлуки донесени во инвестициска арбитража пред Меѓународниот центар за решавање инвестициски спорови - (ICSID) е оправдано од причина што на овој начин се обезбедува двостепеност во постапувањето и воедно се дава поголема доверба во арбитражата како приватен механизам на решавање на споровите помеѓу странските инвеститори од една страна и државите домаќини од друга страна“.