АКТИВНОСТИ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА НАЈДОБРИТЕ ИНТЕРЕСИ НА ДЕЦАТА

  • Елена Мујоска

Abstract

Советот на Европа (СЕ) презема бројни акции за борба
против сексуалната експлоатација на деца, во согласност со Конвенцијата
за правата на детето, ратификувана од страна на сите земји-членки на
СЕ. Едновремено, Советот на Европа цврсто го заштитува правото на
децата да растат во свет без експлоатација. Сексуална злоупотреба на
малолетни лица без оглед дали станува збор за дејствија што подразбираат
проституција, трговија со деца или пак детска порнографија, не знае
за географски, културни или социјални граници. Детска порнографија
подразбира сексуалната злоупотреба на децата и поттикнува понатамошна
континуирана злоупотреба. Децата немаат капацитет да ги разберат
сексуалните дејствија, репродукцијата и нејзините последици за да
бидат во можност да донесат самостојна волева одлука. Постојат и други
причини кои придонесуваат за нивна поголема изложеност на ризик, како
што е нивната постојана потреба да ги задоволат желбите на возрасните.
Големата психичка траума што резултира како последица од таквите
дејствија е доволна причина за интензивната битка против сексуалната
злоупотреба на децата да продолжи и во иднина.
Проблемот на сексуална злоупотреба на деца зазема сѐ поголем
замав, особено со зачестеното користење на интернетот како медиум,
искористувајќи ја анонимноста на корисниците како предност. Земјите-
членки на Советот на Европа, вклучувајќи ја и Република Македонија,
се ставени пред голем предизвик, наведувајќи дека би било бескорисно
да се создадат нови правни инструменти поради нецелосната примена
на веќе постоечките правни стандарди. Пресудна е истрајноста во оваа
борба, изразувајќи ја нашата решителност да го запреме сексуалното
експлоатирање на деца во која било форма. Република Македонија и
во иднина треба да посвети особено внимание на оваа проблематика,
особено за трговијата со деца и пружењето помош на ранливите категории
на незаштитени деца.
Клучни зборови: права на децата, заштита, сексуална
експлоатација, насилство

Published
2019-04-27