КОНЦЕПТОТ НА ОБЈЕКТИВНА АРБИТРАЖНОСТ ВО ПРАВНИОТ СИСТЕМ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА: АКТУЕЛНИ ТРЕНДОВИ И ПРЕДЛОЗИ ЗА РЕФОРМА
Abstract
Предмет на анализа на овој труд е концептот на објективна
арбитражност во правниот систем на Република Северна Македонија, но и
компаративно. Имено, за еден спор да биде доверен на решавање пред арбитража
потребно е тој да биде арбитрабилен, т.е. подобен за решавање по пат на арбитража.
Сосема е легитимно за определен вид спорови државата да го задржи монополот на
судење од страна на државните судови на начин што истите ќе ги класифицира како
неарбитражни, односно неподобни да бидат решавани во постапка на арбитража.
Современите тенденции се во насока на напуштање на исклучивата судска надлежност
како аспект на објективната арбитражност, но сè уште има правни системи, меѓу кои и
правниот систем на Република Северна Македонија, кој истата ја предвидува како пречка
за договарање на арбитражата. Во таа насока, целта на овој труд е да даде приказ на
правната рамка со која се уредува концептот на објективна арбитражност во правниот
систем на Република Северна Македонија, но и да даде препораки за подобрување на
истата. Исто така, целта на овој труд е и преку сеопфатна анализа на компаративната
судска практика, пред сè судската практика на САД, да се прикаже влијанието кое таа го
има извршено врз проширувањето на опсегот на спорови кои можат да бидат изнесени
пред арбитража, тренд кој треба да го следи и арбитражното законодавство на Република
Северна Македонија.
Клучни зборови: арбитражни спорови, исклучива судска надлежност,
интелектуална сопственост, антимонополски спорови.