Музичкиот развој и улогата на музичкото образование кај децата до 10-годишна возраст
Abstract
Музичкиот развој започнува пред раѓањето. Нервните клетки на внатрешното уво кај фетусот започнуваат да функционираат во петтиот или шестиот месец од мајчината бременост. Со слушање на чукањето на мајчиното срце фетусот го развива чувството за ритам. Околу седмиот месец фетусот ги перципира надворешните звучни стимули. Кога детето ќе се роди, тоа веќе поседува одредено акустичко искуство. Одредени истражувања (Feijoo, 1981; Satt, 1984; Hepper, 1991) покажуваат дека бебињата ги препознаваат мелодиите кои ги слушале во текот на два месеца пред нивното раѓање. Резултатите од овие и други истражувања придонесоа за појава на носачи на звук наменети специјално за бремени жени, за кои се претпоставува дека позитивно влијаат врз развојот на фетусот.