ПСИХОЛИНГВИСТИЧКИ ОСВРТИ КОН ПРОЦЕСОТ НА ИЗУЧУВАЊЕ СТРАНСКИ ЈАЗИК
Abstract
Во оваа статија ќе стане збор за процесите коишто се случуваат на ниво
на човечкиот мозок при етапите на изложување на странски јазик, идентификување со
истиот, сфаќање на неговите структури и негово восприемање.
Од аспект на лингвистиката многу е кажано за процесот на изучување/предавање
странски јазик. Од современа перспектива се работи за теориски поставки кои најчесто
се базираат на преведувачки и споредувачки процеси. Последните триесеттина години
носат еден нов навев од идеи и согледувања за тоа како да се постигне поефикасен,
полесесн и поприроден процес на предавање/учење странски јазици.
Потпирајќи се на психологијата и на неврологијата, глотодидактиката почнува да
ги дава првите резултати, односно почнува да создава механизми кои таквиот процес го
издигнуваат на повисоко рамниште.
Базирајќи се на физиологијата и на анатомијата на мозокот, во состојба сме да
осознаеме нови факти за неговата функционалност и со тоа да го издигнеме предавањето
странски јазици до посакуваната и заслужената позиција.
Всушност, новите пристапи ќе ни ги покажат и заблудите на традиционалните
методи за предавање. Се разбира, ќе се кршат копја за одбрана на традиционалните
методи, но вербата во поставувањето нова (изменета) структура ќе ги победи
некогашните убедувања.
Заклучокот е далеку едноставен, ако го споредиме со сложеноста на нервниот
систем. Тој вели дека факторот предавач/наставник и неговиот хуманистички пристап
кон ученикот, мотивираноста да се даде или пренесе, креативноста во создавањето
или селектирањето на дидактичките материјали и обезбедувањето на еден пријатен и
стимулирачки амбиент за учење, ќе направат мозокот да се опушти, да се помири и да
дозволи да се случат потребните нервни процеси кои ќе овозможат ефективно учење
странски јазик.