ДАНТЕ ВО КОНТЕКСТ НА СВЕТСКАТА КЛАСИЧНА ЛИТЕРАТУРА
(текст презентиран по повод настанот „Светот на Данте во колективната меморија“, УГД Штип)
Abstract
Трудот го разгледува знаменитото дело на средновековниот италијански
поет Данте Алигиери, Божествена комедија, во контекст на класичната литература,
сфатена не само како литература на класичната Антика, туку и како литература
на трајни книжевни вредности воопшто, земена во светски контекст. Затоа трудот е
поделен на две целини, кои го третираат делото на Данте во контекст на нововековната,
како и во контекст на старовековната литературна традиција. Се концентрираме на
неколку автори, Гете, Блејк и Булгаков, кои припаѓаат на различни книжевни формации
и кои не прават преработка на Комедијата, туку секој посебно, во зависност од својот
светоглед, ги претставуваат мотивите и сликите преземени од Божествената комедија
кои реферираат на подземното и небесното царство согласно христијанската визија.
Потоа се навраќаме на имиња од Антиката кои му претходат на Данте и оставиле трага
врз него: староримските претхристијански поети Овидиј и Вергилиј.