ИМАГОЛОШКИТЕ СЛИКИ ЗА ИСТОКОТ И ЗАПАДОТ ВО ДРАМИТЕ НА ДЕЈАН ДУКОВСКИ И ГОРАН СТЕФАНОВСКИ

  • Бисера Бијелиќ

Abstract

Длабоко под утописката идеја за глобализација, свесно или несвесно сè уште постои големата граница која светот го дели на Исток и Запад. Се разбира, ваква граница никаде и никогаш нема јасно да биде испишана и претставена на географска карта. Запад најчесто е синоним за напредок, ред и поредок, култура, традиција, цивилизација и иднина на човештвото. Ако ова е Запад, тогаш се поставува прашање: Што е Исток во очите на Западот? Истокот велат дека е превртен Запад. Таму забранетото е дозволено, наместо разумот владее страста, на преден план доаѓаат сетилните задоволства, уживањата. Тука се кршат забраните, ограничувањата. Дозволени се експерименти, полигамија, уживање при дегустација на забрането овошје. Ова никако не е вистинската слика за Истокот и не значи дека тој не е цивилизиран, нема своја историја, култура, традиција, закон и поредок, естетика и препознатлива уметност. За нас, како Балканци е особено важна перцепцијата на Другите за Балканот. Каде би го сместиле Балканскиот Полуостров на таа замислена карта? Тој се наоѓа некаде помеѓу, па затоа може како камелеон да ги менува боите и да се претвора од едно во друго, од Исток во Запад, а притоа вистински никогаш да не биде ни едното ни другото. Во прилог кон имагологија на Другоста ќе анализираме драмски текстови од Дејан Дуковски и Горан Стефановски кои даваат автоимаголошка слика за Македонија и Балканскиот Полуостров. Во драмите ќе биде анализирана манијата, фобијата и филијата кон Другиот. Од една страна ваквите драми создаваат имаголошки слики, но истовремено рушат стереотипи, клишеа и предрасуди за туѓото и различното.

 

Published
2016-12-30