ЖЕНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ И МЕНТАЛИТЕТ НА ЕДНА РУСКА И ЕДНА МАКЕДОНСКА АНА (ИЛИ: ЗА РОДОВАТА „ДРУГОСТ“ НА ТОЛСТОЕВАТА “АНА КАРЕНИНА“ И НА „АНА“ НА ЈОВАН КОТЕСКИ)
Abstract
Оваа статија се занимава со родовата себеидентификација на две книжевни Ани – Толстоевата Ана Каренина и Ана од позната истоимена песна на Јован Котески.
И двете, во своето романескно, односно стихувано опкружување се поставени, односно оставени надвор од говорната ситуација. Тие се третото лице за кое, во случајот со руската Ана зборува омнисцентот, а во песната на Котески поетскиот субјект, во кој не е тешко да се препознае гласот на поетот.
Женскиот идентитет, освен од позиција на наратор, односно поет, т.е. лирски субјект, го препознаваме уште и во најмаркантните „женски“ белези на двете херојки: кај Ана Каренина тоа се нејзините раце и очите, а кај македонската Ана, малкуте атрибути што поетот ги соопштува за неа: „косите што ги чешла“, „широките рамења“ и „везените чорапи“.
И во едниот и во другиот случај, и во рускиот роман и во македонската песна се обидуваме да го лоцираме „женскиот“ идентитет или Другоста, од машка позиција (авторитативниот раскажувач и поетскиот субјект, алијас поетот), а преку тоа и обид да се препознаат своевидни белези на рускиот, односно македонскиот менталитет. Женски, во секој случај.