ДРАМАТА ВО СРЕДЕН ВЕК КАКО ОСНОВА ЗА ОЗНАЧУВАЊЕ НА КУЛТУРНИОТ ИДЕНТИТЕТ ВО АНГЛИЈА
Keywords:
Среден Век, литургиска драма, театар, миракули, мистерии, моралитети.Abstract
Во Среден Век во Англија драмските активности не биле секуларни, туку се должеле на покровителство од религиозни институции. Средновековниот театар и неговите почетоци се длабоко вкоренети во литургијата. Токму црквите биле првите бини за литургиските драми и драматизации.
На црквено тло се поставувале различни драмски форми по повод одредени празници, а со цел да им се приближат библиските приказни на верниците.
Со време, самите верници почнале да се вклучуваат во изведбата на тие примитивни драмски форми. Литургиската драма станувала сѐ подолга и посложена. Драмските поставки постепено излегувале од црквата, па се издвоиле и нови форми во средновековната драма познати како миракули, мистерии, моралитети и тн.
Во овој труд ќе бидат прикажани различните драмски форми кои биле чести во Среден Век во Англија. Ќе бидат образложени нивните специфики, а ќе бидат наброени и разликите кои ги издвојуваат една од друга.
Токму драмата станува означител на културниот идентитет во Англија за време на ренесансата. Оттаму, иако аматерски изведенa, средновековната драма во Англија е прилично значајна, затоа што претставува основа за понатамошниот развој на драмата во Англија.