ТРЕНДОВИ И ДВИЖЕЊА НА ТРГОВИЈАТА НИЗ ПЕРИОДИ НА РАЗВОЈОТ
Аннотация
Состојбите во меѓународната економија непосредно пред Втората светска војна јасно укажувале на фактот дека секоја форма на билатерално договарање меѓу трговските партнери во светот била несоодветна на потребите што ги наметнувале тековните збиднувања во меѓународната економија. Состојбите биле такви што и најзакоравените застапници на протекционизмот веќе не биле во состојба да ги затворат очите пред сите големи штети што настанале како резултат на прекумерното употребување на протекционистички бариери за меѓународна размена. Затоа еден дел од прогресивните економски сили во светот се залагал по завршување на Втората светска војна да се воспостави мултилатерален принцип на договарање во меѓународната размена, кој бил заснован врз еднаквоста, недискриминацијата и либерализација на надворешно трговски режими. За таа цел бил даден предлог да се формира Меѓународна трговска организација (International Trade Organisation - ITO).