ПОЕЗИЈАТА ВО РОМАНИТЕ НА ВЕНКО АНДОНОВСКИ
Abstract
Класичната класификација на книжевноста на „поезија“ и „проза“ (според формата на книжевните дела, односно според нивната синтакса, кажано со модерниот книжевно-теориски вокабулар) е од поодамна разнишана во постмодернистичкиот книжевен модел. Во овој труд ја илустрираме ваквата постмодернистичка книжевно-уметничка стратегија преку анализа и интерпретација на дискурсот со доминантно поетски специфики во четирите романи на Венко Андоновски: Азбука за непослушните (1994), Папокот на светот (2000), Вештица (2006) и Ќерката на математичарот (2013). Во елаборацијата на прашањето за поетскиот јазик во романите на Андоновски во голема мера ќе бидат применети книжевно-теориските истражувања на Јуриј Лотман за второстепената уреденост на јазикот во поетскиот израз со чија помош ќе се покаже и ќе се докаже
поставената теза за обемното присуство на „поетската нарација“ во романите на македонскиот автор Венко Андоновски чие книжевно дело веќе подолго време се афирмира не само на европската туку и на современата светска книжевна сцена.