КАРНЕВАЛИСТИЧКОТO НАСПРОТИ ХУМАНИСТИЧКОТО ДОЖИВУВАЊЕ НА СВЕТОТ
Abstract
Еден од најголемите познавачи на човечката душа, Ф. М. Достоевски, во романот „Идиот“ на импресивен начин зборува за вечната борба помеѓу доброто и злото. Карневалистичкото чувствување на светот, според Бахтин, е интересен поттик за анализирање на најновата македонска театарската претстава „Идиот“ работена по мотиви на истоимениот роман. Во едно пошироко компаративистичко истражување може да се најдат драматуршки релации и со драмата „Џон Габриел Боркман“ на Хенрик Ибзен и „Деветтиот бран“ на Никола Ј. Вапцаров. Додека Ибзен зборува за пропаднатиот човек обземен од страста кон парите, власта и моќта, а Вапцаров за потребата од преобразба на личноста прикажана преку моралните принципи, Достоевски суптилно го поставува проблемот на постоење на „карневализмот“ наспроти „хуманизмот“. Притоа се преплетуваат повеќе мотиви: организираниот хаос во душите, метафориката на шизофренијата, гревовите и страстите, патолошките проблеми на личноста, посесивноста на јунаците, стремежот кон височините и врвовите, апокалипсата на човечкиот род, преобразбата на телото низ душата, но и трагањето по светлината. Преку универзалноста на приказната за паднатиот човек наспроти сето лицемерие и дволичност на грешниот свет се доаѓа до откровението дека за преобразба некогаш е доволно една солза на
покајание и вера, макар колку синапово зрнo. Кнезот Мишкин како беспрекорно чиста душа, искрен и наивен, наоѓа свое оправдание за сторените гревови; за него страдањето е највисок чин, тој е позитивна личност, олицетворение на Исус, распнат помеѓу лудилото, визиите и епилептичните напади. Карневализациското чувствување на светот низ овие примери е исправено наспроти хуманизмот: со мноштво лицемерие, дволичност, мимикрија, манипулација, сојузништво со злото, исцелување.