ЗЛОУПОТРЕБА НА ПЛАТЕЖНИ КАРТИЧКИ
Abstract
Современите информатички технологии уште на
почетокот од својот развој претставуваат нова етапа на развој на платниот
промет, но и драстични промени во општествениот и финансискиот
живот. Покрај позитивните ефекти кои ги предизвикуваат, користењето
на овие технологии во финансиските текови редовно е проследен и од
низа други асоцијални и криминални појави кои се однесуваат на сите
сегменти на финансискиот систем, а многу често фокус на овие напади се
електронската трговија, картичното работење и електронските пари. Една
од позитивните импликации од влезот на современите информатички
технологии во банкарскиот систем е миграцијата на традиционалните
средства за плаќање (книжни и ковани пари) во нова и дематеријализирана
форма како електронски записи или, електронски пари. Оваа нова
форма на платежните средства претставува доволно силен предизвик за
извршување на нови криминогени дејства од страна на разни групи или
поединци, инфилтрирајќи ги своите активности во новите финансиски
текови. Тоа од своја страна значи дека класичните видови на криминал се
интегрираат кон новите појавни видови на високо софистициран криминал.
Од природата на овој криминал може да се заклучи дека престапите од
овој тип не можат да бидат случајни, од невнимание, незнаење или од
каква било друга небрежност. Исполнувањето на материјалните дејствија
за злоупотреба на платежни картички нужно подразбира постоење на
предумисла и подготовка на кривично дело. Присутноста на овој вид
криминал претставува потреба за инкриминација на ваквите кривични
дела како кривични дела против јавните финансии, платниот промет и
стопанството. Како прашања на кои посебно ќе се посвети внимание
во овој труд се начините на кои се извршуваат ваквите кривични
дела, превенцијата, санкциите, но и санацијата на последиците врз
оштетените. Користењето на платежните картички претставува постоење
на комплексни договорни односи помеѓу корисниците на картичките,
нивните издавачи, брендови итн. Евентуалното неовластено користење
на платежните картички, покрај тоа што е инкриминирано како кривично
дело, претставува и основа за надомест на штета помеѓу партиципиентите
на платежниот систем. Поради овие причини, ефикасната превенција и
откривање на ваквите деликти е услов за развој на безбеден платежен
сиестем кој би дал максимални позитивни екстерналии.
Клучни зборови: платежни картички, платежни системи, банки,
неовластено користење, неавторизирани трансакции