КАКО ДО ПОГОЛЕМА БРОЈНОСТ НА ПРАТЕНИЧКИ ВО СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА?

  • Ева Јованова
  • Дејан Димитриевски

Abstract

Целта на овој труд е да се идентификуваат факторите кои најмногу влијаат на
бројноста на пратеничките, како и да се процени важноста од промената на изборниот систем врз
родовата застапеност во Собранието на Република Северна Македонија. Во рамките на трудот е
направена симулација на освоените пратенички мандати на парламентарните избори во 2016 и
2020 година, со тоа што територијата на државата беше земена како една изборна единица, наместо
постојните шест. Врз основа на добиените резултати се направи споредба на распределбата на
мандатите со цел да се види дали и за колку би се разликувале освоените мандати од страна
на пратеничките, доколку територијата на државата би претставувала една изборна единица.
Дополнително, преку анализа на кандидатските листи од изборите, се испитуваа одредени
трендови во однос на застапеноста на жените на листата, при што беа извлечени одредени
заклучоци за влијанието од воведувањето на отворените листи на родовата застапеност во нашата
држава.
Резултатите од спроведената симулација покажуваат дека примената на една изборна
единица би имала позитивен ефект врз застапеноста на жените во Собранието, односно бројот на
жени кои би освоиле мандат во Собранието би се зголемил. Во однос на употребата на отворени
листи, наодите од анализата наведуваат на заклучокот дека воведувањето на отворени листи без
дополнителни услови и мерки би се одразило негативно врз родовата застапеност на жените во
македонското Собрание.
Генерален заклучок е дека изборниот систем влијае врз можностите за застапеност на жените
во парламентот. Сепак, треба да се има предвид дека самиот изборен систем не е ниту неопходен,
ниту доволен услов за да се обезбеди родово сензитивна застапеност во парламентите. Потребни
се дополнителни (посебни) мерки за да се поттикне зголемувањето на застапеноста на жените во
парламентот.

Published
2021-01-29