The Garden in the Empire
Abstract
Овој труд ја истражува врската помеѓу епикурејското учење и политиката. Општо земено, епикурејците го прифаќаат правилото кое налага одбегнување на политички ангажман во име на мирот и спокојството. Тие се застапуваат за λάθε βιώσας – за живеење „незабележано“, „скриено“ или „незнајно“ – начин на живот што е намерно аполитичен. Сепак, ова отфрлање на политиката може да се сфати како политички став во најширока смисла на зборот, и тоа – на три начини: (1) како замена за традиционалната граѓанска политика со „вистинската политика“, а која се состои во грижа за душата; (2) како одраз на општата политичка состојба во македонскиот империјалистички период, кога полисот е ставен во втор план; (3) како „рамнодушен конзервативизам“, кој претставува пасивно прифаќање на политичката реалност.
Сепак, оваа слика мора да се надополни со една поафирмативна епикурејска визија за политичкиот ангажман, како советување на владетели или вршење на јавна функција. Има три главни причини за ваквото активно вклучување во политиката: (1) врвното добро за епикурејците – задоволството – е компатибилно со
политички ангажман кај индивидуи со амбиција и желба за слава или чест; (2) грижата за пријателите може да добие политички облик, како поради можната политичка опасност за нив, така и во зависност од широчината на кругот на пријатели; (3) политичкото загрозување на атарксијата, било да се должи на посериозни или на помалку сериозни закани, како клевети против школата, може да изискува политичка акција со цел самозаштита.
Дополнително, епикурејците имаат основи за пасивна поддршка на одредени политички уредувања над други: (4) општо земено, епикурејците веруваат дека кралството носи мир и стабилност, па затоа и го претпочитаат во поглед на другите устројства; (5) структурата на големите империи, кои обединуваат различни територии и народи, фаворизираат друго начело кое се поврзува со епикурејците – космополитизмот.
Конечно, трудот прави и краток преглед на фактичката политичка инволвираност на неколку епикурејци и следбеници на епикурејството; Според анализата таа се јавува во три главни облици: (1) некои од овие се биле во пријателски односи со политичари, се обидувале да влијаат врз нив или ги советувале; (2) најмалку еден епикуреец бил подготвен да се спротивстави на тиранијата преку заговор, па дури и атентат; (3) една група вршела јавни функции на конзули, сенатори или императори. Овој последен дел потврдува дека, и теоретски и практично, Градината нашла место во рамките на Империјата