Животниот ритам или биоритамот е многу значаен во функционирањето на човековиот организам, одржувањето на здравјето и ефикасно делување. Биоритамот постои во целата природа. По него се менуваат денот и ноќта, годишните времиња, настанувањето и губењето на животот на растенијата и животните. Природниот часовник ни овозможува да откриеме бројни закони кои владеат во нашето опкружување. Биоритамот претставува отчукување на внатрешните структури на нашето тело. Кога збориме за тело треба да имаме предвид дека тоа е сочинето од повеќе органи, додека пак органите се исто така сочинети од многу делови, деловите од милиони клетки. Сите тие го сочинуваат организмот. Тие не се само структурни делови на организмот, туку го овозможуваат и неговото функционирање.