ПРАКТИЧНАТА НАСТАВА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА СОГЛЕДАНО ПРЕКУ ДИСЦИПЛИНАТА И ПОСВЕТЕНОСТА НА СТУДЕНТИТЕ НА ПРАВНИТЕ ФАКУЛТЕТИ
Abstract
Практичната настава на студентите правници од прв
циклус студии претставува исклучително важно прашање во сферата на
високото образование. За степенот на важност на ова прашање немаше
да бидеме толку свесни, доколку во последните неколку истражувања
на оваа тема, не дојдовме до податоци кои укажуваат на огромното
влијание на практичната настава во целокупниот едукативен процес на
студентите од правните факултети во Република Македонија.
Ваквата констатација не се однесува само на студентите од правните
факултети и не се однесува исклучиво на Република Македонија.
Напротив, компаративните истражувања укажуваат дека овој сегмент
од образованието има значителна важност во голем број држави и тоа,
како од аспект на правната рамка, така и од аспект на неформалните
методи на влијание во овој сегмент.
На ова прашање сме работеле и порано, меѓутоа никогаш од аспект
на степенот на сериозност, дисциплина и посветеноста на студентите
во процесот на реализирање на практичната настава во приватниот и
јавниот сектор.
Фокусот на нашето внимание, како и во досегашните истражувања,
ќе бидат студентите од правните факултети. Специфичноста и
различноста се базира на фактот што во интерес на заокружување на
состојбата во Република Македонија, на полето на практичната настава
на студентите правници, истражувањето ќе го спроведеме врз субјектите
од приватниот сектор, во кои студентите ја реализираат практичната
настава, овој пат ценејќи ја нивната посветеност во процесот на
совладување на практичните аспекти на правото.
Целта на трудот е преку анализата на теоретските и практичните
податоци со кои располагаме, да се согледа степенот на сериозност,
дисциплина и ангажман на студентите за време на практичната настава.
На овој начин, би се заокружил еден истражувачки процес на согледување
на недостатоците во овој сегмент, истовремено би се лоцирале потребите
од конкретно интервенирање во ова подрачје од високото образование.
Клучни зборови: бизнис сектор, органи со јавни овластувања,
практична настава, високо образование, студенти