ГАРАНТНИТЕ ПИСМА НАСПРЕМА КОНОСМАНИТЕ ВО ТРАНСПОРТНОТО ПРАВО И ПРАКТИКА
Abstract
Предмет на истражување во овој труд претставува
оправданоста на постоењето и употребата на „гарантните писма“
во меѓународниот транспорт на стоки. Во правната литература и во
деловната практика гарантните писма најчесто се предмет на проучување
во контекст на прашањето: колку често и во кој обем гарантните писма
се толерираат во меѓународниот трансфер на стока?! Полемиките
околу последново прашање се развиваат во кругот на практичари и
теоретичари кои го застапуваат становиштето за неоправданоста на
употребата на гарантните писма во трансферот на стоки. Нашата цел во
истражувањето на ова проблематика, не е да ја оспориме оправданоста на
гарантните писма, ниту un bloc да ја оправдаме нивната употреба, туку низ
призмата на една сумарна теоретска анализа и неколку студии на случаи,
да ја утврдиме нивната позиција vis-à-vis позицијата на коносманите како
традиционално најексплоатирани правни инструменти во меѓународниот
транспорт на стоки.
Во одреден сегмент на ова проблематика сме работеле и порано,
меѓутоа, стимулот да се вратиме повторно е резултат на најновиот бран
на промени што ја зафати индустријата, и неизбежно се одрази на сите
сегменти на кои се базира светската трговија, помеѓу кои значително е
местото на меѓународниот транспорт на стоки.
Во денешните/најсовремени услови на водење бизнис, процесот
на глобализација, концентрацијата на капиталот во неколку носители
на капитал/трговски друштва, брзиот технички-технолошки прогрес,
експанзијата на ИТ индустријата, придонесе кон промени во транспортниот
сектор. Под влијание на електронската комуникација, брзиот и масовен
промет на стоки, зголемените потреби на потрошувачкиот сектор во
глобални рамки, се создадоа нови правни инструменти во реализирањето
на транспортните маршрути. Овие процеси го создадоа „гарантното писмо“
со привична замисла да дејствува како катализатор во реализацијата на
зделките, меѓутоа, со недостатоци на кои инстантно укажаа промоторите
на коносманите како најстабилни инструменти за реализирање на бизнис
трансакциите. Во трудот ќе ги согледаме предностите и слабостите во поглед на
употребата на гарантните писма, иако нивната употреба е детерминирана
од волјата на деловниот сектор и нивната перцепција за гарантните писма.
Клучни зборови: гарантно писмено, коносман, трансферабилност, негоцијабилност, хартија од вредност