ЖЕНИТЕ ВО ПОЛИТИКАТА

  • Петар Поп Арсов

Abstract

Овој труд го анализира учеството на жената во политиката, односно нејзината застапеност во политичките партии, законодавната и извршната власт во Република Македонија. Направена е анализа на учеството на жената во политиката во Европската Унија и земјите членки во функција на илустрација и компарација на состојбите во Република Македонија со оние во ЕУ. За да дојдеме до одговорите на прашањата од интерес на овој труд, во првиот дел од трудот беа анализирани состојбите во двете најголеми политички партии во Република Македонија, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. При тоа беа користени партиските акти и останатите расположиви податоци достапни на интернет страниците на двете политички партии. Анализата доведе до заклучок дека жените се застапени во рамки на највисоките партиски органи, но недоволно за да може да говориме за целосна родова еднаквост. Вториот дел се однесува на застапеноста на жената во законодавниот дом, при што беа користени официјални податоци од Собранието на Република Македонија. Крајниот заклучок во однос на учеството на жената во законодавната власт е дека постои значаен напредок во застапеноста на жената, но сеуште постои недоволна избалансираност и потполна родова еднаквост. Третиот дел од трудот го анализира учеството на жената во извршната власт, со акцент ставен исклучиво на учеството на жената во досегашните владини состави. Заклучок е дека отсуството на законска норма за минимално учество на помалку застапениот пол, односно жената, има пресудно влијание. Тоа значи дека задоволителната застапеност на жената во законодавната власт се должи најмногу на законската обврска за минимална застапеност на помалку застапениот пол. Четвртиот и последен дел претставува анализа и приказ на податоци за учеството на жената во политиката во ЕУ. Тука е прикажано учеството на жената во рамки на Европскиот парламент, националните парламенти и влади, како и застапеноста на локално и регионално ниво. Добиените резултати кои се однесуваат на застапеноста на жената во Европската Унија и нејзините земји членки доведе до заклучок дека учеството на жените во политичкиот живот на земјите членки на ЕУ, гледано низ призма на бројки, е слично со она во Република Македонија. Анализата покрај квантитативниот аспект го третира и квалитативниот аспект од учеството на жената во политиката. Резултатите од истражувањето укажуваат на постоење на нагорен тренд во застапеноста на жената во севкупниот политички живот. Ова особено се однесува на учеството во законодавната власт и застапеноста во политичките партии. Сепак, резултатите покажаа дека застапеноста во извршната власт, како и застапеноста во извршувањето на највисоките и најодговорни партиски и владини функции во Република Македонија е на исклучително ниско ниво. Истражувањето покажа дека се потребни дополнителни чекори и мерки со цел изедначување на квалитативниот аспект од застапеноста и учеството на жената во политиката. Клучни зборови: застапеност, учество, жена, политика, еднаквост.

Published
2020-06-20