ПРАВНАТА РЕГУЛАТИВА ЗА МАКЕДОНСКИОТ УСТАВЕН СУД – ПРАВНИ ПРОПУСТИ И ПРОБЛЕМИ ВО ПРАКТИКАТА

  • Дејан Савески

Abstract

Македонскиот правен систем за уставното судство е единствен систем кој е дел од континенталната правна традиција со прифатен и воспоставен уставен суд, без посебен закон за регулирање на сите значајни правни и процесни уставно-судски институти. Според постојната структура на правни норми, сосема неоправдано, најзначајната улога во системот на правни норми е доверена на Деловникот за работа на Уставниот суд.

Исто така, непостоењето на посебен закон создаде низа други проблеми, односно неизвршената кодификација на правилата за Уставниот суд, остави простор и друг орган на јавната власт авторитативно да се наметне и да навлезе во регулирање на материја која не е негов домен. На тој начин, во правниот поредок се создадоа две противуставни состојби кои опстојуваа до ден-денес. Во прашање е Собранието.

Посебно внимание предизвикува и номотехничките пропусти во целост да се уреди и материјата за подзаконските правни акти, прикладен објект за контрола на уставноста и законитоста. Уставот само парцијално нормира дека Уставниот суд е надлежен за оцена на уставноста и законитоста на „други правни акти“, без притоа да навлезе во дефинирање на овој комплексен поим – дали оваа терминолошка одредница ги опфаќа сите подзаконски правни акти, независно од основните обележја и органот кој ги донесува или тоа е клучен фактор кој ја детерминира надлежноста на Уставниот суд.

Недореченоста на уставотворците, Уставниот суд умешно ја користи во своја полза, воспоставувајќи го во својата работа принципот на дискрециска власт – сам да одлучува во кој конкретен случај ќе се впушти во оцена на уставноста и законитоста на одреден подзаконски правен акт, а во кој случај ќе ја одбие таквата надлежност, иако се работи за истоветни случаи. На тој начин, Уставниот суд ја загрозува и примената на принципот правна сигурност.

Published
2024-02-20