ЛИСТИ НА УНЕСКО ЗА ЗАШТИТА НА СВЕТСКОТО НАСЛЕДСТВО СО ПОСЕБЕН ОСВРТ НА ЛИСТАТА НА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО ВО ОПАСНОСТ
Abstract
УНЕСКО како специјализирана организација на ООН има мисија за заштита, унапредување и промовирање на образованието, науката и културата на глобално ниво во функција на унапредување и почитување на човековите права. УНЕСКО во рамките на своите активности поврзани со заштитата на светското природно и културно наследство води посебни Листи за поедини области. Најпознати листи што ги води оваа организација се: Листа на места на светско културно и природно наследство (World Heritage List); Листа на светско културно и природно наследство во опасност (List of World Heritage in Danger); Листа на номинации за светско наследство (World Heritage List Nominations); Листа на глобални геопаркови (List of UNESCO Global Geoparks), Листа на креативни градови (List of the Creative Cities), Листа на нематеријално културно наследство (Lists of Intangible Cultural Heritage); Атлас (Мапа) на УНЕСКО на јазици во опасност (UNESCO Atlas of the Worlds Languages in Danger), Листа на резерви на биосферата (Biosphere reserves), Регистар нa светски сеќавања (Memory of the world Register). Во овој труд авторите ќе направат истражување на Листите на УНЕСКО за заштита на светското природно и културно наследство, со посебен осврт на значењето на Листата на светско наследство во опасност. Во трудот ќе ја опишеме и процедурата на ставање на светското наследство на Листата во опасност, a ќе се осврнеме и на одлуката на 44 сесија на Комитетот за заштита на светското наследство во контекст на Охридскиот регион.
Клучни зборови: УНЕСКО, светско наследство, листи, заштита, туризам