ВОНПАНСИОНСКАТА ТУРИСТИЧКА ПОНУДА НА УГОСТИТЕЛСКИТЕ ОБЈЕКТИ ВО ПОЛОШКИОТ РЕГИОН
Abstract
Туристичката понуда во угостителството се состои од пансионската и вонпансионската понуда. За да има позитивни економски ефекти туристичката понуда и пансионската и вонпансионската треба да имаат квалитетна содржина со која ќе ги задоволат потребите на клиентите. Угостителските објекти се директни носители туристичката понуда на одредена туристичка дестинација или регион, токму од тој аспект ја истражуваме туристичката понуда на угостителските објекти во Полошкиот регион. На изглед, Полошкиот регион претставува регион кој има многу богата лепеза во својата угостителска и туристичка понуда, но за да ја потврдиме таа теза, треба да видиме колку таа понуда е конкурентна и одржлива.
Не само во Полошкиот регион туку во секое туристичко место, потребите и побарувањата на туристите се големи и разновидни, тоа е карактеристика во туризмот, па често пати угостителските објекти не се во можност да ги задоволат сите тие потреби преку своите пансионски понуди и се јавува потреба од вонпансионска понуда, која е многу поширока и која во поголема мера ги задоволува различните потреби, желби и побарувања на туристите.
Вонпансионската понуда во угостителството претставува голем број на активности и потреби на туристите кои не се вклучени во пансионската понуда на угостителскиот објект. Тука се мисли на голем број услуги, сервиси, занаети, престојот и секако исхраната. Токму овие елементи на вонпансионската понуда, а со посебен осврт на исхраната, се дел од нашето истражување.
По емпириското истражување во овој труд, ќе имаме податоци за квалитетот и содржината на вонпансионската понуда на угостителските објекти во Полошкиот регион со посебен акцент на исхраната.