МЕРЕН СИСТЕМ ВО УПРАВУВАЊЕТО СО ДЕЛОВНИТЕ ПРОЦЕСИ ВО ОРГАНИЗАЦИИТЕ ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Abstract
Истражувањето во овој труд има за цел да понуди нов модел зa оценување на успехот од проектираниот и имплементиран систем по тотален менаџмент на квалитет (ТМК). Раководството на организациите мора да биде информирано и да знае колку се троши за квалитетот, каде се јавуваат овие трошоци, која е целта на истите и како квалитетот влијае врз профитабилноста на компанијата. Овие информации му помагаат на менаџментот да ги насочи своите активности кон елиминирање на критичните изворни причини. Проектирањето систем за мерење овозможува системски пристап кон добиените резултати, односно анализа и откривање на критичните места, утврдување на загубите, барање на решенија за проблемите и нивна успешна имплементација. Мониторингот не навлегува само во квалитетот на производите/ услугите, туку и во адекватноста на целиот ТМК систем во спроведувањето на функциите на квалитетот. Усвојување и имплементација на оваа методологија може да доведе до унапредување на деловните процеси, сè со цел да се остварат што е можно повисоки деловни резултати на задоволство на сите заинтересирани страни.