РАЗВОЈНА КОМПОНЕНТА НА БУЏЕТОТ НА РСМ- МОЖНОСТИ ЗA ЕКОНОМСКИ РАСТ И РАЗВОЈ
Abstract
Буџетот на РСМ треба да обезбеди услови за забрзан и одржлив економски развој, фискална консолидација и зацврстување на фискалната одржливост, како и забрзување на европските интеграции на РСМ кон ЕУ. Во последните години забележливо е дека буџетските трошоци растат со побрзо темпо во однос на буџетските приходи со што се зголемува буџетскиот дефицит, а сето ова води кон зголемување на државниот и јавниот долг. Потребна е фискална консолидација на буџетот преку зголемена контрола на наплатата на приходите и трошењата на државните пари. Потребно е да се намали неформалната економија и да се спречи корупцијата. Макроекономската стабилност може да се постигне само преку оптимизирање на буџетската структура, преку зголемено учество на капиталните расходи во вкупните буџетски расходи. Потребно е да зголемат капиталните инвестиции во инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, во здравствениот, образовниот и социјалниот систем. Аграрниот сектор како примарен сектор
на македонската економија заслужува повеќе инвестиции кои ќе го поддржуваат секторот во сите етапи од производството на нива па се до пласманот на сурови и преработени производи на трпезата на македонските граѓани, но и пласман на македонското земјоделско производство на европските и светските пазари. Во финансирањето на планираните инвестиции треба да се вложат напори за поголемо искористување на средствата од донациите, а пред се од ИПА фондовите на ЕУ кои недоволно се користат, исто како што нецелосно се искористуваат и земените заеми и кредити од надворешните извори на финансирање за кои државата плаќа камати како за искористениот така и за неискористениот дел од одобрените средства.