Вредносните ориентации кај адолесцентите

  • Biljana Stojanova
  • Lence Miloseva

Abstract

Предмет на проучување во ова истражување се вредносните ориентации на адолесцентите, со цел да се утврди кои вредносни ориентации ги преферираат овие лица и дали постојат полови разлики помеѓу нив во преференцијата на вредносните ориентации. Истражувањето е спроведено во периодот март-април 2008 година, во средно училиште во Штип. Во истражувањето учествуваа вкупно 49 испитаници кои се на возраст од 15 до 17 години (средна адолесценција), од кои 24 се од машки пол, а 25 од женски пол. За прибирање на потребните податоци е користена скалата на Попадиќ (Popadić, 1994), со 10 вредносни ориентации, операционализирани преку опис на 10 начини на живеење. По обработката на добиените податоци ги добивме најпреферираните и најмалку преферираните вредносни ориентации на адолесцентите, како и половите разлики кои постојат помеѓу нив. Три најпреферирани вредносни ориентации на адолесцентите во Штип се: утилитарна, семејна и индивидуалистичка и хедонистичка, додека три најмалку преферирани вредносни ориентации за овие лица се: сознајна, алтруистичка и прометејска активност. Три најпреферирани вредносни ориентации за адолесцентите од машки пол се: утилитарна, семејна и хедонизам, а три најмалку преферирани вредносни ориентации се: атруистичка, сознајна и утилитарен активизам. За адолесцентите од женски пол, три најпреферирани вредносни ориентации се: семејна, утилитарна и индивидуалистичка, а три најмалку преферирани вредносни ориентации се: религиозна, алтруистичка и сознајна ориентација. Статистички значајна разлика во вредносните ориентации кои ги преферираат овие две групи на испитаници не добивме, иако е видливо дека поголеми разлики постојат во преферирањето на алтруистичка и религиозна ориентација, при што резултатите укажуваат на тоа дека момчињата повеќе ги преферираат овие вредносни ориентации, во однос на девојчињата.
Published
Apr 17, 2013
How to Cite
STOJANOVA, Biljana; MILOSEVA, Lence. Вредносните ориентации кај адолесцентите. Воспитание / Vospitanie - Journal of Educational Sciences, Theory and Practice, [S.l.], v. 6, n. 10, p. pp.55-63, apr. 2013. ISSN 1857-8705. Available at: <http://js.ugd.edu.mk/index.php/vospitanie/article/view/213>. Date accessed: 04 july 2020.