МУЗИКАТА КАКО КРЕАТИВНА ТЕРАПИЈА
Keywords:
музикотерапија, децата со посебни потреби, наставници, родители, уметност.Abstract
Зголемениот интерес за креативните терапии започна во 90-тите години на минатиот век, како резултат на големите достигнувања на специјализираните терапевти, кои работеле во областа на здравствената заштита, на превенцијата, на едукацијата, на хабилитацијата и на рехабилитацијата.
Многуте истражувања ни даваат силен доказ за значењето на музиката во промовирањето на различните аспекти на развојот на детето. Затоа големо значење се дава на музичкото образование и на музичкото искуство во предучилишните установи и во пониските одделенија на основното училиште.
Со користење на креативните терапии, како и со употребата на уметноста, како што се: музиката, уметноста и визуелното изразување, танцот, драмата, куклениот театар, приказните и другите креативни процеси, се подобруваат здравјето и побрзото закрепнување, а, исто така, се подобрува квалитетот на живеењето во определеи околности. Да напоменеме некои специфични терапии, музикотерапија, виброакустична терапија и арттерапија. Музиката ја добива титулата на современ психолог, психијатар, наставник и воспитувач, бидејќи музиката заедно со другите уметнички области во голема мера влијае на нашиот живот.
Со овај труд ќе се приближиме до проблематиката на музикотерапијата и на нејзиниот развој преку интегрираната програма за развој. Интегрираните процеси подразбираат вклучување на други уметнички области, со кои подобро ќе се постигне инклузија на учениците со посебни потреби во редовна работа, каде што детето ќе ги совладува редовните или прилагодените програми со примена на индивидуализирани постапки во работењето.