СОЗДАВАЊЕ НА АРМИЈА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА: ТЕОРИСКА АНАЛИЗА НИЗ ПРИЗМАТА НА КОНЦЕПТОТ НА НОРМАТИВНАТА МОЌ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА
Abstract
Актуелните теориски пристапи за природата на Европската
Унија како меѓународен актер со нормативна моќ, меѓу кои и концептот
на „нормативна моќ на Европската Унија“ од Ијан Манерс, дефиниран
како „способност на Европската Унија да ги менува концепциите на
она што се смета за нормално во меѓународните односи“, беа доведени
во прашање со настанувањето на украинската криза и со настаните што
следеа потоа.
Една потврда за тоа беше и некохерентната надворешна политика
на Европската Унија кон Украина и кон украинската криза, која ја
потенцираше двојноаршинската политика на Унијата во однос на
европските аспирации за членство на Украина, а се должеше на нејзината
зависност од рускиот гас. Ваквата надворешна политика, гледана низ
теориската призма на погореспоменатиот концепт на нормативна моќ на
Унијата, ги разниша токму неговите нормативни цели и инструментите
на надворешната политика на Европската Унија.
Уште една потврда за тоа, што би можела да ги ослабне темелите
на самиот концепт, е и скорешниот апел на претседателот на Европската
комисија Жан Клод Јункер, како реакција на растечката закана од Руската
Федерација, каде ги повика земјите членки на Европската Унија да се
сложат со идејата за воспоставување Армија на Европската Унија,
во функција на одбрана на вредностите на Унијата, но и во функција
на зацврстување на нејзината заедничка надворешна и безбедносна
политика, како и на нејзиниот меѓународен кредибилитет.
Истражувачкото прашање што го поставуваме во овој труд е: во
која мера воспоставувањето на планираната Европска армија може да
влијае врз концептот на нормативна моќ на Европската Унија и дали тоа
би влегло во конфликт со концептот или пак би можело да се вклопи во
неговите постулати?
Одговорот од истражувањето се состои во два става: 1. Евентуалното
воспоставување нa планираната Армија на Европската Унија може да
придонесе за зацврстување на заедничката надворешна и безбедносна
политика на Унијата, без притоа да се коси со концептот на нормативна
моќ на Европската Унија и 2. Планираната Армија на Европската Унија
може да го дoведе во прашање нормативниот карактер на делување на
Европската Унија, односно нејзиниот нормативен идентитет и нејзината
нормативна сила во меѓународните односи.
Клучни зборови: Армија на Европската Унија, концепт на
„нормативна моќ на Европска Унија“, заедничка надворешна и
безбедносна политика на Европска Унија