ПРАВОТО НА АДЕКВАТНА ПРЕТСТАВЕНОСТ НА ЖЕНИТЕ ВО ПАРЛАМЕНТОТ – QUOTE ROSA ВО ИЗБОРНАТА ЛЕГИСЛАТИВА ВО ЗЕМЈИТЕ НА НЕКОГАШНА СФРЈ
Abstract
Застапеноста на жените во претставничкото тело отсекогаш
претставувала важна тема во политиколошката наука, но и во науката за изборите и
изборните системи. Но, релевантно е прашањето зошто оваа проблематика останува да
биде тема, ако се веруваше дека самиот концепт за демократија по себе требаше да ги
покрие сите разлики вклучително и родно-половите. Дискриминацијата на жените во
сите сфери, вклучително и политичката, всушност ја трансформира родовата разлика во
политичка, која пак создава претпоставка за исклучување на жените од повисоките
хиерархиски скалила на општествената моќ и влијание. Токму затоа жените во
политиката ќе продолжуваат да бидат „тема“ додека не се елиминира дискриминацијата.
Ова прашање стана особено акутно во земјите кои до пред повеќе од три децении имаа
монистички политички системи. Со започнување на процесот на нивната демократска
трансформација, се повеќе се засегнуваше прашањето за унапредување на женското
пратеничко претставништво. Истото се случуваше постепено, пред сѐ преку
повеќекратни измени во регулативата. Оттука, целта на овој труд е да се разгледаат
механизмите, кои во својата изборна легислатива ги применуваат земјите на некогашна
СФРЈ, со цел да ја подобрат женската претставеност во нивните законодавни тела, преку
еден компаративен осврт. Главната теза на овој труд е дека женски квоти т.н. quote rosa,
сами по себе не се доволни ако не се проследени со адекватно позиционирање на помалку
застапениот пол на изборната листа. Не може а да не се засегне прашањено за самиот
карактер на изборниот модел, особено погодноста на пропорционалниот наспрема
другите модели; дилемата за затвореноста на листите и евентуалното допуштање на
искажување преференции при гласањето и нивните реперкусии врз избраните жени-
политичарки; како и други не помалку важни аспекти.
Клучни зборови: собрание, позитивна дискриминација, афирмативна акција,
политичарки, пост-југословенско пространство, демократија.