ЕПИФЕНОМЕНОЛОШКО РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ПОИМИТЕ СОБРАНИЕ, ПАРЛАМЕНТ И КОНГРЕС НИЗ ПРИЗМА НА НИВНИТА РАЗНОЗНАЧНОСТ

  • Никола Амбарков

Abstract

Изучувањето на епифеноменолошките карактеристики на определени поими кои се користат во политиколошката наука, како што е на пример нивното име, не претставуваат релевантна рамка за проучување во склопот на оваа научна дисциплина. Но, самото именување на определени поими сепак е важно, бидејќи во крајна линија тоа влијае на понатамошната перцепција. Во правно-политичките науки поимите на собрание, парламент и конгрес честопати се користат во синонимна употреба. Дополнително, помеѓу овие термини се става и знак на еднаквост, независно од фактот што покреј низа сличности, сепак, помеѓу нив постојат суптилни, но и фундаментални разлики. Разликите во оваа смисла, пред сè, се обусловени од политичката и правната димензија на конкретниот политички систем во кој дејствува односниот законодавен орган. Оттука, главната теза на овој труд е дека собранието, парламентот и конгресот не се синоними кои може наизменично да се употребуваат. Треба да се нагласи дека во глобални рамки постојат примери кога во називот на главното законодавно тело се обединети двата генерички поима на парламент и собрание. Тоа е уникатниот случај со Босна и Херцеговина и тамошното Парламентарно собрание, кој иста така ќе биде разгледан во овој труд на начин да се даде одговор на прашањето што е она кое и понатаму го прави именувањето на највисокото законодавно тело на БиХ амбивалентно, ако се знае дека парламентарните собранија не се ретка појава?

Published
2024-02-20