КРИЗАТА НА ПАРЛАМЕНТАРИЗМОТ И ПАРЛАМЕНТАРНАТА ДЕМОКРАТИЈА ВО ДЕЈТОНСКА БОСНА – ЕДЕН ОСВРТ ВО ПРЕДВЕЧЕРИЕТО НА 30-ГОДИШНИНАТА ОД НЕЗАВИСНОСТА НА БИХ

  • Никола Амбарков

Abstract

Идната година Босна и Херцеговина (БиХ) ќе одбележи 30 години од одржувањето на
Референдумот за независност, кој воедно беше и увертира во три и половина годишната граѓанска војна,
која беше приведена кон крај со склучување на Дејтонскиот мировен договор (ДМД), чија 25 годишнина од
неговото потпишување беше одбележана минатата година. Истражувачите кои се занимаваат со изучување
на политичкиот систем на БиХ, како извонредно интересна студија на случај, едногласно заклучуваат дека
25 години по Дејтон карактерот на државниот парламентаризам во БиХ продолжува да се набљудува во
смисла на консоцијативниот дејтонски „општествен договор” со кои се воспостави актуелната политичка
парадигма во земјата. Сепак, во историска перспектива, БиХ нема долга парламентарна традиција. Целта
на овој труд е да се направи осврт за начинот на кој се структурира парламентот во сложените држави,
кои имаат дводомна парламентарна структура, преку случајот на БиХ. Клучната теза која е поставена во
овој труд е дека босанско-херцеговскиот конституционализам обликуван со помош на интервенцијата на
меѓународната зедница во услови на граѓанска војна, не успеа да реконструира демократски легитимна
државна институција во услови на мир. Една од причините за тоа е што во поглед на оваа материја ДМД
содржеше определени неконзистентности споредено со вообичаените решенија кои постојат во некои други
сложени држави со хетерогена општествена структура. Сето тоа создаде претпоставки за потенцијално
кризни ситуации за самиот парламентаризам и парламентарната демократија во земјата, кои и понатаму
остануваат клучни предизвици за БиХ, бидејќи самото Парламентарно собрание, во крајна инстанца,
продолжува да претставува важен институционален дел во целокупната архитектура на дејтонскиот
уставно-политички систем во оваа држава.
Клучни зборови: Парламентарно собрание на БиХ, Дејтонски мировен договор, сложени држави,
политички систем, бикамерализам, консоцијација;

Published
2022-02-04