РАЗВОЈНИТЕ ФАЗИ НА СРЕДНОВЕКОВНАТА ИТАЛИЈАНСКА ПОЕЗИЈА
Abstract
Во услови на јазична и општествена разединетост во средновековна Италија,
книжевноста на народен јазик има одлучувачка функција во образувањето на единствен,
стандардизиран и естетизиран израз кој ќе го афирмира државниот и културен континуитет.
Преку поезијата може да се следи како народниот јазик постепено созрева во пишаното
творештво, со што се отвора прашањето за еден обединувачки јазичен феномен кој ќе ја услови
свеста за национално единство, со оглед на фактот што италијанското општество до 19 век
егзистира преку независни градови, владетелства, комуни и сињории. Почнувајќи од
религиозната поезија на Сан Франческо од Асизи, па сè до раната љубовна поезија на Данте
Алигиери, поезијата стилски се усовршува, а со неа и народниот јазик станува податлив за
книжевна експресија. Овој труд го следи развојот на поезијата во Италија во 13 век,
сосредоточувајќи го изборот врз оние поети кои биле под непосредно влијание на
средновековниот италијански филозоф Св. Тома Аквински.