РЕФЛЕКСИЈАТА НА СОВРЕМЕНАТА ТЕХНОЛОГИЈА ВО ГРАДЕЊЕТО НА ПАРТНЕРСКИ ОДНОС МЕЃУ ДЕТЕТО, ВОСПИТУВАЧОТ И СЕМЕЈСТВОТО
Keywords:
партнер, однос, комуникација, семејство, дете, технологија.Abstract
Ефикасноста во воспитно-образовната работа воопшто е определена од бројни фактори. Еден од нив е односот меѓу детето, родителите, воспитувачите и негователите. Бројни се истражувањата кои упатуваат на сознанијата дека најголема ефикасност и ефективност во воспитно- образовната работа со деца од предучилишна возраст се постигнува со единство на факторите родител и воспитувач. Единството на влијание подразбира взаемна почит, двонасочна комуникација, континуирана повратна информација, недирективен меѓусебен однос односно рамноправно партнерство во дејствувањето, со единствена цел правилен раст и развој на детето. Двете институции, семејство и детска градинка, се првите средини кои со сета своја сложеност и специфичност, влијаат на развојот на детето. Семејството како заедница на возрасни и деца е првата средина со која детето се среќава. Рефлексијата од односите во семејството се одразува во другата средина, средината на врсници во воспитната група и возрасни во детската градинка. Разноликоста на односите и опкружувањето имаат силно влијание на развојот на детето во сите сфери како когнитивна, социјална, комуникациска, конативна, психомоторна. Од тие причини, повеќе од потребно е единство на факторите во нивните влијанија на детскиот развој. Современиот свет со технолошкиот напредок обезбедува услови за непречена континуирана комуникација надминувајќи ги просторните и временски бариери. Социјалните мрежи и други алатки со примена на ИКТ овозможуваат континуирана и содржински побогата комуникација меѓу нив, но во исто време се рефлектираат и слабостите и предизвиците на комуникацијата во виртуелниот свет меѓу детето, родителот и воспитувачот. Во трудот се прави обид да се сврти вниманието на влијанието на технологијата во градењето и квалитетот на партнерскиот однос меѓи трите клучни фактори во воспитно- образовниот процес и неговото влијание на правилниот раст и развој на детската личност во предучилишниот период.