ГРАВИМЕТРИСКИ ИСТРАЖУВАЊА НА НАОЃАЛИШТА НА НАФТА И ЈАГЛЕН
Abstract
Апстракт
Резултатите од гравиметриските истражувања имаат огромен придонес во правецот на проучување на регионалните проблеми, посебно при детерминирање на тектонската градба на истражуваниот простор, во процесот на барање на сите типови минерални суровини, вклучувајќи го самиот процес на разработка на рудното наоѓалиште. Современите испитувања со помош на гравиметри со кои мерењата можат да се изведуваат и во дупчотините, условно можат да се применат и за одредување на порозноста на колекторот на јаглеводородите. Треба да се има предвид дека секоја аномалија на силата на тежата е сума на гравитационите влијанија на сите суфицити и дефицити на маса, кои со своето присуство го менуваат нормалното гравитационо поле на Земјата на местото на мерење. Споменатиот факт имплицира дека на гравиметриската карта се манифестираат сите присутни влијанија. Успешната примена на гравиметриските методи зависи од следните значајни фактори: - Разликата во волуменската маса (густина) на геолошкиот објект кој се проучува; - Длабочина на која се наоѓа проучуваниот објект и интензитетот на максималниот ефект кој може при тие услови да се предизвика; - Големината на површината на која аномалијата, што е предизвикана од истражуваниот објект, е 3 до 5 пати поголема од редот на точноста на мерниот инструмент; - Чувствителноста на гравиметарот што се користи; - Присуството на сите типови можни пречки кои можат да бидат присутни на целокупниот простор на испитување, вклучувајќи го влијанието на масите на релјефот и деформациите предизвикани од антропогеното делување.
Клучни зборови: гравиметриски истражувања, аномалија, сила на тежа, гравиметар.